Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денес учествува на Македонскиот енергетски форум (МЕФ) 2025, кој оваа година се одржува под мотото „Поддршка за чистата енергетска револуција во Западниот Балкан“. На дводневниот настан присуствуваат експерти и клучни актери од целиот свет, со фокус на зајакнување на регионалната соработка и забрзување на зелената транзиција.

„Заедно со земјите од регионот ги претвораме пречките во можности и придонесуваме Западниот Балкан да се постави на светската енергетска мапа“, истакна Божиновска, нагласувајќи ја важноста од заеднички чекори кон одржлив енергетски систем.
Таа посочи дека визијата на Македонија е создавање на современ и иновативен енергетски модел кој ќе овозможи праведна транзиција и ќе стане двигател на економскиот раст, во интерес на граѓаните и државата.

Форумот продолжува и утре со панели посветени на обновливите извори, дигитализацијата, инвестициите во енергетската инфраструктура и регионалната интеграција на пазарите.