Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, најави сет нови мерки за олеснување на пристапот до станбени кредити, особено за граѓаните кои првпат купуваат стан за живеење. Во интервју за телевизијата „Њузмакс Балканс“, Славески истакна дека мерките ќе бидат насочени кон разликување на кредитите за прв дом од оние што се одобруваат за инвестиции и шпекулации, со цел вистинските потреби за домување да добијат приоритет.
„Нашата цел е да создадеме поповолни услови за младите и семејствата што се во потрага по сопствен дом, особено во време кога цените на становите постојано растат“, изјави Славески. Тој додаде дека речиси една третина од становите во земјата стојат празни, додека побарувачката – често поддржана со готовински плаќања – придонесува за дополнително зголемување на цените.
Според Народната банка, половина од прометот со станови се врши со готовина, што го отежнува пристапот до недвижности за граѓаните кои се потпираат на кредити. Затоа, институцијата најави дека во соработка со банките ќе предложи нови решенија кои ќе овозможат подобри услови за кредитирање, но и ќе ја зачуваат стабилноста на банкарскиот систем.
Предложените мерки прво ќе бидат доставени до банките за консултација, а целта е да се зголеми достапноста на станбени кредити за младите и оние кои навистина имаат потреба од сопствено живеалиште.