
Македонија влегува во нова фаза на регионално енергетско поврзување. Државната компанија НОМАГАС со тендерот за избор на проектант и на изведувач на интерконективниот гасовод кон Србија поставува основа за реализација на интерконекторот, кој е една од клучните алатки за поголема сигурност, диверзификација и стабилност на снабдувањето со природен гас на државата.
Значењето на интерконекторите е особено големо затоа што се надминуваат досегашните ограничувања за развој на гасоводната инфраструктура, а многу позначајно е штодржавата добива нова улога на регионалниот енергетски пазар.
„Со изборот на проектант и изведувач, се навлегува во фазата во која проектот преминува од политичка и техничка подготвеност кон реална инженерска и градежна имплементација“, велат од НОМАГАС.
Интерконекторот со Србија е проектиран како двонасочна врска за транспорт на природен гас, со капацитет од 1,5 милијарди кубни метри годишно. Tрасата треба да ги поврзе системите преку Клечовце и Врање, со околу 23 километри на територијата на Македонија и со изградба на главна мерна станица на македонска страна. Инвестицијата, со вкупна вредност од околу 29,6 милиони евра само за делот поврзан во Македонија, се обезбедуваод сопствени средства.
Овој проект треба да се гледа заедно со гасниот интерконектор со Грција, за кој НОМАГАС во мај 2025 година го потпиша договорот за изградба. Заедно се едни од најзначајните енергетски проекти во поновата историја на земјата затоа што ќе овозможат диверзификација и пристап до различни извори на природен гас и истоврмено ќе дадат можност за транспорт на овој на гас кон други земји од регионот и Европа.
Гасоводот кон Србија ќе се поврзе со делницата кон Грција, долга 68 километри, со која нашата земја остварува пристап до ЛНГ терминалите во Александруполи и јужниот гасен коридор. Бидејќи проектот овозможува двонасочен проток на гас, тоа значи дека земјата ќе може да добива гас и од северните правци, но и да транзитира гас од Грција кон Србија и Централна Европа.
Исто како и интерконекторот со Грција, и овој гасовод е дизајниран да биде подготвен за транспорт на водород, како дел од идниот „зелен коридор“ во регионот.
„За НОМАГАС, овие проекти ќе овозможат да се позиционира како оператор што ја гради идната енергетска мрежа на земјата. Интерконекторите се долгорочни системски инвестиции. Нивната вредност ќе се мери во тоа колку ја зголемуваат отпорноста на економијата, колку им даваат избор на индустриските потрошувачи, колку го намалуваат ризикот од прекини и колку ја поврзуваат земјата со регионалните и европските енергетски текови“, дообјаснуваат од државната компанија.
Во период кога енергетската сигурност стана едно од главните економски и безбедносни прашања во Европа, Македонија ќе добие повеќе извори кои ќе и донесат ипоголема стабилност и посилна регионална позиција. Затоа новата фаза со тендерот за интерконекторот кон Србија треба да се чита како чекор напред во изградбата на посигурен, пофлексибилен и подобро поврзан енергетски систем.
















