
Министерството за економија и труд денеска го најави новиот јавен повик со кој се издвојуваат 11 милиони и 340 илјади денари за поддршка на микро, малите и средните претпријатија, како и за занаетчиите низ земјата. Мерката е насочена кон поттикнување на инвестиции во модернизација на производството преку набавка на нова опрема, машини и алати.
Според објавените услови, државата ќе кофинансира 40 отсто од оправданите трошоци, при што максималната поддршка по апликант изнесува 200 илјади денари. Средствата се однесуваат на инвестиции реализирани во текот на 2025 и 2026 година, а право на учество имаат фирми со доминантен домашен капитал, како и регистрирани занаетчии согласно законската регулатива. Крајниот рок за аплицирање е 30 јуни 2026 година.
Од ресорното министерство порачаа дека оваа мерка претставува продолжение на политиките за зајакнување на домашната економија и создавање поконкурентни услови за малите бизниси, особено во преработувачкиот сектор.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на денешната прес-конференција истакна дека целта на програмата е компаниите полесно да инвестираат, да го осовременат производството и да ја зголемат продуктивноста, што директно би се одразило на растот и развојот на нивното работење.
Покрај овој повик, Дурмиши најави и два дополнителни програма во рамки на поддршката за преработувачката индустрија и општествената одговорност за 2026 година.
Првиот се однесува на трошоците за воведување, имплементација и сертификација на меѓународни стандарди. За оваа мерка се предвидени 2 милиони денари, со кофинансирање од 70 отсто и максимален износ до 200 илјади денари по компанија. Како што беше истакнато, целта е домашните фирми полесно да ги исполнат глобалните стандарди и да станат поконкурентни на странските пазари.
Вториот повик, пак, е фокусиран на поврзување на бизнис-секторот со академската заедница. За заеднички проекти меѓу компании и универзитети се предвидуваат 5 милиони денари, со кофинансирање од 70 отсто и поддршка до 500 илјади денари по проект. Мерката треба да поттикне иновации, истражување и технолошки развој, како и побрза зелена и дигитална трансформација.
Дурмиши порача дека поврзувањето на науката и индустријата е клучно за создавање производи со повисока додадена вредност и за јакнење на конкурентноста на македонската економија во услови на глобални предизвици.
Тој ги повика компаниите и занаетчиите навремено да се запознаат со условите и да аплицираат за достапните мерки, нагласувајќи дека сите детали и потребна документација ќе бидат објавени на официјалната веб-страница на Министерството.
















