Прехранбениот гигант „Нестле“ објави дека ќе отпушти околу 16.000 работници во следните две години како дел од стратегијата за намалување на трошоците и зголемување на продуктивноста.
Според планот, околу 12.000 работни места ќе бидат елиминирани во административните оддели ширум светот, а дополнителни 4.000 работници ќе бидат отпуштени по спроведување мерки за оптимизација на производството и синџирите на снабдување.
„’Нестле’ мора да се прилагоди побргу на променливите глобални услови“, изјави извршниот директор Филип Навратил, додавајќи дека тоа е тешка, но неопходна одлука за компанијата.
Компанијата има за цел да ги намали трошоците за три милијарди швајцарски франци (околу 3,23 милијарди евра) до 2027 година, што е повисок износ од претходно планираните 2,5 милијарди франци.
Во првите девет месеци од 2025 година, приходите на „Нестле“ изнесуваа 65,9 милијарди франци (70,8 милијарди евра), што е пад од 1,9% во споредба со истиот период лани. Сепак, кога се исклучуваат ефектите од валутните флуктуации и еднократните ставки, приходите бележат раст од 3,3%.
За целата 2025 година, менаџментот очекува малку посилен органски раст во однос на минатата година, која забележа раст од 2,2% – најниска стапка на раст за најмалку 25 години.