
Топ 10 најголеми добивки на компаниите од Тетово за 2025: „Леар“ конечно на врвот, синџир на парфимерии меѓу најдобрите
Странската инвестиција Леар Корпорација за првпат по подолг период на работење со загуба оствари значителна добивка од 5,2 милиони евра, со што се искачи на врвот на листата на најпрофитабилни компании во Тетово за 2025 година.
Компанијата, која произведува седишта и инсталации за автомобилите на Форд, БМВ и Џенерал Моторс во индустриската зона во Тетово, со овој резултат се позиционираше како лидер во локалната економија.
На второто место се наоѓа Палма Трејд, компанијата која стои зад шопинг-центарот во Тетово, додека на третата позиција е Пофикс, производител на малтер кој редовно се наоѓа во врвот на рангирањата.
Меѓу најпрофитабилните компании се наоѓа и операторот на игри на среќа Банана Кик, кој оваа година се позиционира на четвртото место, додека петти е Изо Стоне, познат по продажба на премиум станови и инвестициски активности.
На шестата позиција е Санмарти, компанија за продажба и опремување бањи и тоалети, по што следува Тетекс, акционерското друштво кое последниве години се насочи и кон развој на станбени проекти.
За првпат меѓу најдобрите десет се најде и Шатци, синџир парфимерии кој бележи стабилен раст на пазарот.
На деветтото место е градежната компанија АК Инвест, додека на десеттото се наоѓа Арбериа Десигн, позната по печатење на учебници и издавачка дејност.

















