
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека со најновата одлука на Владата за продолжување на мерките за намалување на давачките за горивата, Македонија повторно останува земја со најниски цени на бензините и дизелот во регионот.
Премиерот посочи дека на вчерашната вонредна онлајн седница Владата донела одлука мерките да продолжат до 1 јуни.
„Го продолживме намалениот ДДВ за бензините, како и намалените акцизи за бензините и дизелот. Со тоа, повторно сме држава со најниски цени на бензините и дизел горивата“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при пуштањето во употреба на новиот градски пазар во Виница.
Според него, Владата ќе продолжи со политиките насочени кон ублажување на последиците од енергетската криза и заштита на стандардот на граѓаните.
Мицкоски нагласи дека и покрај глобалните ризици и предизвици, државата успева да обезбеди стабилни и пониски цени на горивата во споредба со соседните земји.
Тој потсети дека актуелната енергетска состојба е оценета како една од најсериозните досега, посочувајќи дека такви оценки доаѓаат и од претседателот на Светската енергетска заедница. „Не само што обезбедуваме најниски цени за домашните граѓани, туку голем број луѓе од соседните земји – од север, запад и југ – доаѓаат кај нас да точат гориво“, рече премиерот.















