
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека со вчерашната одлука на Владата за продолжување на мерките за намален ДДВ и акцизи за горивата, Македонија повторно има најниски цени на бензините и дизелот во регионот.
Говорејќи по пуштањето во употреба на новиот градски пазар во Виница, Мицкоски посочи дека Владата на вонредна онлајн седница донела одлука мерките да продолжат до 1 јуни.
„Со тоа ние како држава повторно сме со најниски цени на бензините и на дизел горивата“, рече премиерот, додавајќи дека Владата ќе продолжи со политики кои ќе го заштитат животниот стандард на граѓаните.
Тој нагласи дека и покрај глобалните ризици и енергетската криза, државата успева да обезбеди ниски цени на горивата, поради што, како што рече, голем број граѓани од соседните земји доаѓаат во Македонија да точат гориво.
„Не само што успеваме да обезбедиме најниска цена за горивата, туку практично да им ја понудиме и на соседните земји“, истакна Мицкоски.
Со владината одлука и во наредните две недели ќе продолжи да важи намалениот ДДВ од 18 на 10 проценти за бензините, како и намалената акциза од четири денари по литар за дизелот и два денари по литар за бензините.
















