
Владата ги продолжува преговорите со ОКТА за дополнителен попуст кај горивата, а премиерот Христијан Мицкоски најави дека е можно дизелот да поевтини за уште два денари по литар. Договорот сè уште не е постигнат, но, според премиерот, разговорите се блиску до решение.
При посетата на општина Чешиново-Облешево, Мицкоски посочи дека преговорите продолжуваат во пресрет на истекувањето на актуелните мерки за поевтини горива на 20 октомври.
„Денеска имаме владина седница и продолжуваат преговорите со снабдувачот ОКТА за дополнителен попуст. Мислам дека сме блиску до постигнување решение за дополнителни два денари по литар да имаме, барем кај дизелот, намалување на цената“, изјави Мицкоски.
Премиерот нагласи дека Владата ќе продолжи со мерките за ублажување на ценовните притисоци, иако движењата на светските берзи влијаат врз домашните цени. Според него, пониското даночно оптоварување на горивата во споредба со повеќе европски земји придонесува за пониски малопродажни цени во Македонија.
Во однос на снабдувањето, Мицкоски уверува дека се обезбедени доволни количини од сите видови горива до крајот на годината. Тој не очекува поголеми нарушувања ниту следната година, иако оцени дека глобалната енергетска состојба останува сложена.
„До крајот на годината апсолутно сме со обезбедени количини за сите видови горива, а следната година исто така ќе биде година која не очекувам да има поголеми турбуленции“, рече премиерот.
Тој додаде дека продуктоводот што го поврзува солунското пристаниште со рафинеријата во земјава е наполнет и под притисок, што, според него, ја зајакнува сигурноста во снабдувањето.
Мицкоски посочи и дека пониските цени привлекуваат купувачи од соседните земји, поради што потрошувачката на дизел, како што рече, е двојно зголемена, особено во пограничните места.
Одговарајќи на прашање за цената на електричната енергија, премиерот изјави дека до крајот на годината не се планира поскапување и дека Владата останува посветена на заштитата на животниот стандард на граѓаните.























