
Вкупно 689 килограми храна и 15 килограми хигиенски производи беа собрани во хуманитарната акција „Тегла+ – Херои на солидарноста“, одржана на 14 и 15 октомври во Веро Центар – Џамбо и Веро 2 – Тафталиџе. Според податоците што ги објави здружението „Љубезност“, собраната храна ќе овозможи подготовка на пакети за приближно 58 семејства во социјален ризик.

Во дводневната акција беа вклучени 45 волонтери, а на двата пункта беа евидентирани 396 посетители и донатори. Со донирање прехранбени и хигиенски производи, граѓаните придонесоа за обезбедување основни потреби за семејствата на кои им е потребна помош.

Од „Љубезност“ упатија благодарност до сите учесници, со посебно признание за ангажманот на волонтерите. Одзивот на граѓаните покажа како заедничкото учество во една локална акција може да донесе конкретна поддршка за повеќе семејства.
Иницијативата ја реализира здружението „Љубезност“ заедно со партнерските организации GoGreen, SIEC, MISLA и SOLEM. Проектот е поддржан преку донација од dm drogerie markt.























