
Германската економија и натаму се соочува со недостиг на квалификувана работна сила, а проблемот е особено изразен во одредени индустрии.
Според најновото истражување на германскиот Институт „Ифо“, во јули значително се зголемил бројот на компании кои имаат проблем да најдат соодветно обучени работници. Сепак, економската стагнација во земјата во моментов ја ограничува побарувачката, што значи дека со евентуалното закрепнување на економијата недостигот би можел повторно да стане уште поизразен.
Особено забележлив е растот на побарувачката во телекомуникацискиот сектор. Уделот на компаниите кои пријавиле недостиг на квалификуван кадар се зголемил од 16,3 проценти во април на 31,1 процент во јули.
Уште поголем проблем имаат компаниите од областа на консалтингот и ревизијата, каде што уделот на фирмите кои се соочуваат со недостиг на кадар достигнал 64,7 проценти, во споредба со 52,4 проценти во април.
Недостигот е присутен и во производството, каде што 18,7 проценти од компаниите пријавиле проблем со обезбедување квалификувани работници.
Од Институтот „Ифо“ посочуваат дека моментално слабата економска активност ја намалува побарувачката за работници, но предупредуваат дека состојбата може брзо да се промени доколку германската економија влезе во период на посилен раст.

















