Министерката за енергетика Сања Божиновска оствари средба со потпретседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Роберт де Грут, на која беше потврдена подготвеноста на Банката за поголема финансиска и техничка поддршка на Македонија во енергетскиот сектор.
Разговорите беа насочени кон идните проекти што би можеле да добијат поддршка од ЕИБ, со фокус на клучните сегменти за забрзување на енергетската транзиција. Двете страни се согласија дека модернизацијата на електроенергетската инфраструктура, јакнењето на преносната мрежа и зголемувањето на енергетската ефикасност се приоритети во кои соработката може значително да се продлабочи.
Посебно внимание беше посветено на можностите за финансирање на системски инвестиции во трафостаници, мрежни капацитети и други инфраструктурни решенија. Претставниците на ЕИБ го изразија интересот Банката да се вклучи и во дел од процесите поврзани со РЕК Битола, насочени кон транзиција кон современи и поеколошки технологии.
ЕИБ понуди и експертска поддршка за изработка и спроведување на национални програми за енергетска ефикасност, користејќи го своето искуство од други европски земји. Потпретседателот де Грут нагласи дека Банката е подготвена да обезбеди сеопфатна поддршка – од финансиски инструменти до советодавни услуги и експертски тимови за инфраструктурни проекти.
Министерката Божиновска ја потенцираше важноста на партнерството со ЕИБ, оценувајќи дека оваа соработка ќе придонесе за забрзување на клучните енергетски инвестиции во државата и за создавање посигурен и диверзифициран енергетски систем.
Од страна на ЕИБ беше потврдена силна волја за продолжување на заедничките активности и поддршка на нови иницијативи од стратешки интерес за Македонија.























