Директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ), Гоце Димовски, во гостување на ТВ24 ги потврди информациите дека американската корпорација Аптив планира постепено да го напушти својот производствен погон во Македонија до крајот на 2025 година. Тој истакна дека веќе има компании заинтересирани да го преземат погонот: „Има заинтересирани компании. Едната од нив беше вчера кај мене на состанок да ги видиме сите можности како да се преселат“.
„Првото известување што го добивме од Аптив е дека согласно нивниот план за реструктуирање на глобално нивно што веќе го воспоставиле е дека планираат производствениот погон во Македонија, постепено да го намалуваат производството се со една цел да го продадат на некоја друга мултинационална компанија“, истакна Димовски.
Во однос на државната помош што компанијата ја користела, директорот објасни дека институциите веќе презеле конкретни мерки. „Кога сме кај државната помош за Аптив, сакам да ве известам ние веднаш презедовме мерки и активности со ангажирање на ревизор согласно нашите упатства и процедури во Дирекцијата ТИРЗ, каде се утврди дека државната помош е по основ на два договори. Тоа и ќе го вратам – мора да го вратат“, подвлече тој.
Според ревизорскиот извештај, забележани се прекршувања на договорните обврски. „Во делот како функционира државната помош – врз основа на бизнис план. И во тој бизнис план, вие по години кажувате како ќе инвестирате и кога ќе го завршите проектот. Потоа имате рок од 5 години да ја одржувате инвестицијата. Согласно извшетајот од ревизорот, се утврди дека дел од основните средства не ги одржале и тоа е прекршување на договорот. Затоа ние ја бараме државната помош назад.“ Димовски објасни дека компанијата ги почитувала дел од своите обврски, но не и клучниот дел што се однесува на одржување на инвестицијата. „Тие одржале се, но не ја одржале инвестицијата“, заклучи тој.
АПТИВ работи во Македонија од 2016 година, кога ја отвора својата фабрика во технолошко-индустриската зона „Бунарџик“. Компанијата, која е дел од глобалната автомобилска индустрија, произведува напредни електрични и електронски системи за автомобили и во моментот вработува околу 500 лица.

















![Трамп го попрска сирискиот претседател со својот мирис, па го праша колку жени има [ВИДЕО]](https://wsrv.nl/?url=https://eu-central-1.linodeobjects.com/cmsnebula/screenshot-2025-11-13-125723.png&w=256&q=75&we)





