УТРО.мк

Дурмиши: Владата ќе го поддржи договорот за минимална плата

Дурмиши: Владата ќе го поддржи договорот за минимална плата
Vero

Зголемувањето на минималната плата останува отворено прашање, но Владата нема да наметнува решение без јасен договор меѓу социјалните партнери. Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска порача дека извршната власт ќе ја поддржи секоја иницијатива што ќе биде заеднички прифатена и од синдикатите и од работодавачите, нагласувајќи дека растот на платите мора да биде внимателен, постепен и економски одржлив.

„Нашата позиција е јасна уште од старт – доколку синдикатите и работодавачите постигнат договор, Владата ќе им излезе во пресрет на двете страни“, изјави Дурмиши, по настанот во Владата каде беше презентиран Законот за работно ангажирање лица.

Тој најави интензивна агенда на разговори во наредниот период. Веќе во четврток е закажана средба со синдикатот УПОЗ, а во следните денови се очекува и седница на Економско-социјалниот совет, каде на иста маса ќе седнат претставници на синдикатите, работодавачите и Владата.

Министерот потенцираше дека Владата при носењето одлуки ја согледува целокупната економска слика, водејќи сметка и за вработените во јавниот и за оние во приватниот сектор. „Потребно е зголемување и на минималната и на другите плати, но тоа мора да се случува со сигурност и во стабилна економска рамка“, рече тој.

Дурмиши потсети дека зголемувањата во јавниот сектор веќе се реализирани уште во првата година од мандатот – во здравството, образованието, полицијата, како и кај пензиите. Според него, преку трипартитниот дијалог, прашањето за платите е решено за околу 85 проценти од вработените во јавниот сектор.

„Остануваат уште 7.700 вработени. И со нив сме подготвени да седнеме и да најдеме решение кое ќе биде прифатливо“, нагласи министерот.

Во однос на платите на функционерите, Дурмиши беше дециден дека засега не е донесена никаква одлука за нивно зголемување. Како што објасни, конечниот став ќе зависи од податоците што овој месец ќе ги објави Државниот завод за статистика.

„Минатата година донесовме одлука со која ги ограничивме платите на функционерите и утврдивме тие да растат исто како платите на сите други вработени. Стоиме на тој принцип и нема да носиме одлука што би значела привилегија за функционерите“, рече Дурмиши.

Тој информираше дека минималната плата во март ќе биде усогласена, односно зголемена за околу 7 до 8 проценти, а проекциите покажуваат дека до 2028 година вкупниот раст би достигнал околу 40 проценти.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран