Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска учествуваше на CEF Форумот во Бечиќи, каде што ја истакна клучната улога на институциите во процесот на реформите и градењето одржливи јавни финансии.
„Вистинскиот двигател на промените се институциите што знаат каде одат, дејствуваат со интегритет и се адаптираат на предизвиците,“ изјави министерката.
Таа подвлече дека Министерството за финансии веќе се движи во тој правец, а како пример го посочи воспоставувањето на Академијата за јавни финансии, која, според неа, е доказ за посветеноста на институцијата да гради капацитети и знаење што трае.
Димитриеска-Кочоска исто така објави дека Министерството за финансии на Македонија го презема претседателството со Управниот одбор на Центарот за извонредност во финансиите (CEF), нагласувајќи дека тоа е голема чест и одговорност.
„Особено сум горда што оваа доверба ни ја дадоа нашите партнери. Благодарна сум за поддршката од колегите од регионот и пошироко,“ додаде таа.
Форумот претставуваше платформа за размена на искуства и идеи за унапредување на јавните финансии и институционалните реформи во Југоисточна Европа.