По повод Светскиот ден на жените инженери – 23 Јуни, во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини беше организиран настан посветен на улогата и предизвиците на жените во инженерските професии. Настанот се одржа во присуство на студентки, практикантки, млади инженерки, како и искусни професионалки од полето на енергетиката, рударството и геологијата.

Министерката Сања Божиновска истакна дека жените во инженерството не бараат посебен третман, туку еднакви шанси да го докажат својот квалитет и знаење. „Во инженерството, како и во животот – не се плашиш од комплексни системи. Ги менуваш одвнатре“, изјави Божиновска.

Таа нагласи дека настанот не е формалност, туку поттик за девојките кои допрва го избираат патот на техничките науки, како и за жените кои секојдневно се борат за признание врз основа на својот труд и експертиза, а не поради својот пол.

Министерството упати силна поддршка за зголемено учество на жените во STEM-професиите, како и за создавање системи што ќе препознаваат вредност, визија и интегритет.