
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оствари средба со амбасадорот на Кралството Шведска во земјава, Ола Сулстром, на која било разговарано за унапредување на соработката меѓу двете земји.
Како што информира Димитриеска-Кочоска, фокусот на разговорите бил ставен на можностите за продлабочување на економската соработка и привлекување инвестиции, но и на поддршката во спроведувањето на реформите поврзани со евроинтегративниот процес.
„За нашата земја, Шведска е важен партнер и пријател, а нејзината поддршка и искуство се од особено значење за јакнењето на институциите и унапредувањето на економскиот развој“, посочи министерката.
Таа нагласи дека Министерството за финансии и Владата се подготвени за продлабочување на соработката со Шведска, како и за размена на знаења и искуства и отворање нови можности за економско поврзување.
Димитриеска-Кочоска оцени дека со заедничка посветеност може дополнително да се надгради соработката и да се создадат нови можности за македонската економија и граѓаните.















