
Фолксваген раскина 10 од вкупно 13 колективни договори што ги опфаќаат вработените во компанијата во Германија, со што дополнително се заостри спорот со синдикатот ИГ Метал.
Меѓу раскинатите договори се оние што ги регулираат платите, општите услови за работа, стручното оспособување, како и условите за вработените на стручни и раководни позиции. Според синдикатот, со одлуката практично се зафаќа речиси целиот систем на колективни договори специфични за Фолксваген.
Одлуката следува по состанокот со претставниците на вработените во Хановер. Според Ројтерс, ваквиот потег го зголемува ризикот од штрајкови на почетокот на следната година, бидејќи на 1 јануари истекува договорот со кој е гарантирано дека нема да има штрајк.
Промените ги засегаат клучните услови за работа на повеќе од 100.000 вработени во главните погони на Фолксваген во Германија. Првите директни последици за работниците би можеле да се почувствуваат од 2027 година.
Сепак, договорот за сигурност на работните места од 2024 година останува во сила до крајот на 2030 година. Управата и претставниците на вработените треба повторно да преговараат кон крајот на октомври.
Раководството на Фолксваген одлуката ја оправдува со долгорочно високите трошоци и зголемената конкуренција од кинеските производители на автомобили на европскиот пазар.
Извршниот директор Оливер Блуме продолжува со програмата за преструктурирање, која компанијата ја опишува како најамбициозна во нејзината историја. Фолксваген и Мерцедес-Бенц претходно предупредија дека не може целосно да се исклучи затворање фабрики доколку трошоците не се намалат на конкурентно ниво.
Синдикатот ИГ Метал остро се спротивстави на одлуката и најави тешки преговори со раководството. Од синдикатот порачаа дека нема да прифатат раскинување на договорите, а претставникот за Долна Саксонија, Торстен Грогер, потегот го оцени како „очигледен фаул“ кон вработените.















