УТРО.мк

„Safe City“ се шири во два нови градови – Повеќе од 40 точки ќе бидат под надзор

„Safe City“ се шири во два нови градови – Повеќе од 40 точки ќе бидат под надзор
Vero

Прилеп и Битола наскоро ќе бидат опфатени со системот „Safe City“, најави директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, при денешната посета на Одделението за внатрешни работи во Прилеп.

Јанев информираше дека во тек е изработката на проектната документација за проширување на системот на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Битола, а се очекува во наредните месеци да започне и имплементацијата.

„Safe City“ ќе опфати повеќе од 40 точки, меѓу кои и градот Прилеп. Според Јанев, системот нема да има значење само за сообраќајната безбедност, туку ќе овозможи и поефикасна работа на полицијата.

Тој посочи дека бројот на жртви во сообраќајот се намалува, а сообраќајната култура кај граѓаните е подигната, при што апелираше до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и сообраќајната сигнализација.

„Safe City“ ќе може да се користи и за откривање и спречување на криминал, обезбедување докази во постапки, одржување на јавниот ред и мир, како и за заштита на урбаната инфраструктура.

Јанев најави дека системот во иднина ќе се надградува со дополнителни алатки, со цел полицијата да биде поефикасна на терен.

Говорејќи за безбедносната состојба во Прилеп, тој рече дека статистичките податоци покажуваат тренд на намалување на извршувањето на кривични дела, особено во делот на насилниот криминал.

Според него, намалување на овој тип криминал е забележано не само на подрачјето на ОВР Прилеп, туку и пошироко на подрачјето на СВР Битола.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран