УТРО.мк

Од 1 декември нови правила за кредитите: Еве што ќе се смени за граѓаните

Од 1 декември нови правила за кредитите: Еве што ќе се смени за граѓаните
Vero

Народната банка воведува нови правила за задолжувањето на граѓаните, со кои се намалува максималниот дел од приходите што може да се издвојува за отплата на кредитите, а се скратува и рокот за отплата на одредени видови кредити.

Одлуката ја донесе Извршниот одбор на Народната банка, со измени и дополнувања на макропрудентните мерки за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица.

Најголемата промена се однесува на купувањето втор или друг стан. Максималниот рок за отплата на станбен кредит за ваква намена се намалува од 30 на 25 години.

За граѓаните кои првпат купуваат сопствено живеалиште, рокот останува 30 години.

Се скратува и рокот за отплата на хипотекарните потрошувачки кредити – од досегашните 20 на 15 години.

Покрај роковите, се менува и максималниот дозволен ДСТИ-показател, односно односот меѓу месечните отплати на кредитите и приходите на кредитокорисникот.

За кредитите во денари, лимитот се намалува од 50 на 45 проценти, додека за кредитите со валутна компонента се намалува од 45 на 40 проценти.

Тоа значи дека идните кредитни рати ќе може да зафаќаат помал дел од месечните приходи на граѓаните во однос на досегашните правила.

За оние кои првпат купуваат сопствено живеалиште, лимитите остануваат непроменети – 50 проценти за кредитите во денари и 45 проценти за кредитите со валутна компонента.

Од Народната банка велат дека мерките имаат превентивен карактер и се донесуваат со цел да се ограничат ризиците од прекумерно задолжување на домаќинствата и да се придонесе за одржливо кредитирање и финансиска стабилност.

Во исто време, кредитирањето на физичките лица продолжува да расте. Во првото полугодие од 2026 година, годишниот раст на кредитите на физичките лица достигнал 12,2 проценти, во споредба со 11,2 проценти во 2025 година. Највисок раст е забележан кај станбените кредити, од 16,6 проценти.

Народната банка посочува дека досегашните податоци покажуваат подобрување на структурата на новото кредитирање и намалување на кредитирањето на домаќинствата со повисок должнички товар.

Новите правила ќе почнат да се применуваат од 1 декември 2026 година.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран