
Новиот раст на светските цени на пченицата, шеќерот и растителните масла може да донесе дополнителен притисок врз цените на храната доколку нарушувањата во транспортот и неповолните временски услови продолжат.
Индексот на цените на храната на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) во септември достигна просек од 136 поени, што е раст од 1,5 проценти во однос на август и 5,8 проценти повеќе во споредба со истиот месец минатата година.
Најголем раст е регистриран кај пченицата и шеќерот.
Светските цени на пченицата во септември се зголемиле за 6,3 проценти, главно поради логистичките ограничувања во регионот на Црното Море и сувото време во делови од Северна Америка пред почетокот на сеидбата.
Цената на пченката пораснала за 5,6 проценти во однос на август, поради загриженоста за приносите во САД, намалената достапност за извоз од Бразил и нарушувањата во трговијата преку регионот на Црното Море.
Значително поскапување има и кај шеќерот. Неговата цена пораснала за 6,1 процент, што ФАО го поврзува со очекувањата за намалување на глобалните залихи во сезоната 2026/27.
ФАО наведува дека врз очекувањата за производство влијаат помалото производство во Тајланд, загриженоста за родот во Индија поради врнежите под просекот, временските услови во Бразил и намалувањето на површините под шеќерна репка во Европската Унија.
„Сведоци сме на постојано и сè пошироко зголемување на глобалните цени на производите, бидејќи нарушувањата во Ормутскиот теснец и Црното Море се комбинираат со климатските шокови, вршејќи притисок врз енергијата, транспортот и клучните прехранбени производи“, изјави главниот економист на ФАО, Максимо Тореро.
Тој предупредува дека доколку овие притисоци продолжат, тие би можеле да се пренесат и врз цените на храната за крајните потрошувачи, особено во земјите кои се зависни од увоз на храна и енергија.
Поскапе и оризот, чија цена се зголемила за 1,4 проценти, додека растителните масла биле поскапи за 0,9 проценти во однос на август. Растот кај маслата се поврзува со повисоките цени на палминото масло и загриженоста за производството во Југоисточна Азија.
Од друга страна, цените на месото во септември се намалиле за 1,1 процент, главно поради големите залихи на свинско и пилешко месо.
Кај млечните производи е регистрирано мало намалување од 0,1 процент, главно поради пониските цени на сирењето.
ФАО истовремено очекува глобалното производство и трговија со житарици годинава да се намалат. Според прогнозите, светската трговија со житарици би можела да биде 3,5 проценти под рекордното ниво од сезоната 2025/26, со проценети 505,8 милиони тони.
Новите податоци покажуваат дека состојбата на глобалниот пазар на храна останува чувствителна на транспортните нарушувања, климатските услови и движењата на производството, што може да влијае и врз крајните потрошувачки цени доколку притисоците продолжат.















