
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пристигна во Скопје, каде што на скопскиот аеродром ја пречека министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Муцунски преку објава на „Фејсбук“ ѝ посака добредојде на Фон дер Лајен, истакнувајќи дека нејзината посета ја оценува како потврда на европската ориентација на земјата.
Според министерот, посетата е и потврда за посветеноста на Владата на реформските процеси, усогласеноста со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и определбата за напредок во европската интеграција.
„За нас е важен јасен, кредибилен и предвидлив процес. Пред нас се конструктивни средби, со фокус на натамошниот напредок. Европски вредности, реформи, силни институции и конкурентна економија – за подобар живот на граѓаните“, истакна Муцунски.
Фон дер Лајен во Скопје доаѓа во рамки на нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан.
За време на посетата таа ќе има тет-а-тет средба со премиерот Христијан Мицкоски. По средбата, двајцата ќе одржат заедничка прес-конференција во Медија центарот на Владата.















