
Јавниот долг на државава заклучно со 31 декември 2025 година изнесува 59,6 проценти од Бруто домашниот производ (БДП), објави денеска Министерството за финансии.

Според ресорната министерка Гордана Димитриеска Кочоска, овој износ на јавниот долг е јасен и силен показател за заложбите за стабилни јавни финансии и фискална консолидација, а воедно значи и почитување на Мастришките критериуми, според кои јавниот долг треба да биде под 60 проценти од БДП.
– Морам да бидам искрена и да кажам дека нашите проекции согласно Стратегијата за управување со јавниот долг, иако Министерството за финансии напорно работеше, беа дека тој ќе се движи нешто над 60 проценти. Но, еве уште еднаш можеме да покажеме и докажеме дека навистина со посветена работа, внимателно планирање и строга контрола на секој поединечен расход, притоа внимавајќи на секој еден расход, не само на централната влада, туку во исто време како се трошат кредитите кои треба да ги повлекуват јавните претпријатија и акционерските друштва, се покажа дека навистина може да постигнеме и побрзо резултати од она што сме го очекувале, изјави Димитриеска Кочоска.



























