
Снајперските тимови на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ го освоија деветтото место на меѓународниот натпревар во снајперско гаѓање „БОРАН 8“ во Турција, во конкуренција на 48 тимови од 22 држави.
Првите седум места ги освоија турски тимови, додека на осмата позиција се пласираше тим од Азербејџан.
Македонските специјалци постигнаа особено висок резултат во пиштолско гаѓање, освојувајќи 2.098 поени. Тоа е значително над просекот на натпреварувањето, кој изнесувал 1.173 поени.
Покрај пласманот, македонскиот тим доби признание и за спортскиот дух и професионалниот однос, со избор меѓу трите најдобри тимови во категоријата „фер-плеј“.
Настапот на „БОРАН 8“ беше можност припадниците на „Тигар“ да ги покажат своите вештини и подготвеност во конкуренција со специјализирани тимови од повеќе држави.























