УТРО.мк

Дали светот се движи кон нова криза со храна поради војната на Блискиот Исток?

Дали светот се движи кон нова криза со храна поради војната на Блискиот Исток?
Vero

Војната на Блискиот Исток почнува сериозно да го нарушува глобалното снабдување со ѓубрива, што може да има директни последици врз производството на храна и цените на прехранбените производи, предупредуваат експерти и Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Според извештаите, уште пред почетокот на конфликтот повеќе од 30 проценти од светските пратки со уреа и околу 20 проценти од азотните ѓубрива и фосфатите се транспортирале преку Ормускиот теснец. Прекините во транзитот сега дополнително го оптоваруваат и онака ограниченото снабдување.

Ескалацијата започна на 28 февруари кога САД и Израел извршија напади врз Иран, по што Техеран возврати со ракети и беспилотни летала кон Израел и американски воени бази во Персискиот Залив. Неколку дена подоцна, иранската војска соопшти дека ја презела контролата врз Ормускиот теснец и забранила транзит на танкери од САД, Израел и нивните сојузници.

Овој развој на настаните предизвика значително зголемување на цените на ѓубривата на светските пазари, бидејќи природниот гас – клучна суровина во нивното производство – стана потешко достапен.

Експертите посочуваат дека регионот на Персискиот Залив има огромна улога во глобалното производство на ѓубрива. Таму се произведува речиси половина од светскиот сулфур и околу една третина од уреата, додека земјите од регионот обезбедуваат и една четвртина од амонијакот што се тргува на светскиот пазар.

Главните земјоделски производители, како САД и Австралија, голем дел од своите потреби за уреа и фосфатни ѓубрива ги набавуваат токму од овој регион. Бразил, најголемиот светски производител на соја, најмногу уреа увезува од Катар и Иран, додека Индија е зависна од фосфатните ѓубрива од Саудиска Арабија.

Поради конфликтот, неколку фабрики во земјите од Персискиот Залив, особено во Катар, веќе го прекинаа производството на ѓубрива.

Европа директно увезува околу 11 проценти од уреата од регионот, па на прв поглед изгледа помалку погодена. Сепак, последиците се чувствуваат индиректно. Голем дел од фосфорните ѓубрива Европа ги купува од Мароко, чие производство зависи од сулфур што се увезува од земјите од Персискиот Залив.

Дополнителен проблем е што Европската унија набавува повеќе од една четвртина од увезената уреа од Египет, но испораките на гас преку гасоводот од Израел се суспендирани. Поради тоа цената на египетската уреа скокна од околу 500 на повеќе од 650 долари за тон.

Во Азија ситуацијата е уште посложена. Индија мора да ја рационализира потрошувачката на гас во индустријата за производство на ѓубрива, додека Бангладеш привремено затвори пет од своите шест фабрики.

Обединетите нации предупредуваат дека високите цени би можеле да ги остават најсиромашните земји без пристап до ѓубрива, што директно би се одразило врз земјоделското производство.

Според францускиот институт за земјоделски истражувања INRAE, без трите клучни ѓубрива – уреа, амониум нитрат и калиум – глобалното производство на земјоделски култури би се намалило за околу една третина.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран