Познатите струшки бизнисмени Антон и Васил Миса, сопственици на ланецот маркети „Миса“, најавија обновување на некогашниот туристички бисер – авто-кампот „Треска“ во селото Радожда, на крајбрежјето на Охридското Езеро.
Тие, заедно со охридскиот инвеститор Горан Трпески, ја презедоа компанијата „ЗКВ Консалтинг“ и ја преименуваа во „Камп Треска ДОО“, со што се расчистени долгогодишните имотно-правни спорови. „Во фаза на преземање и планирање сме. Сакамe кампот да биде модерен, со ресторан и евентуално хотел, како што предвидува урбанистичкиот план“, изјави Антон Миса.
На терен во моментов има запуштени приколки и бунгалови, а просторот често го користат диви кампери. „Треска“ беше изграден во 1976 година, со капацитет од 300 камп-приколки, 20 бунгалови, апартмани и хотелски соби, како и ресторан, бифе, спортско игралиште и управни објекти. Кампот престана да работи во 1997 година и оттогаш пропаѓаше во правни и стечајни постапки.
Во 2019 година беше закажана продажба преку стечајниот управник, но судот ја сопре постапката. Со новите инвестиции, конечно се отвора можност за враќање на некогашната туристичка атракција.