
Во услови на продолжена геополитичка неизвесност, енергетската безбедност стана стратешки приоритет за сите земји. Како Северна Македонија ја приспособува својата енергетска политика на оваа нова реалност?
Геополитичките случувања, без разлика дали се во Европа, во регионот или во поширокиот свет, јасно покажуваат дека енергетската безбедност е прашање на економска стабилност, национална отпорност и регионална соработка. Затоа ја градиме политиката врз диверзификација на извори на енергија, регионално поврзување, зголемување на домашното производство и модернизација на инфраструктурата. Целта е систем што нема да зависи од еден извор, една рута или една технологија.
Податоците покажуваат дека енергетскиот систем веќе влегува во фаза на структурна промена. Според Годишниот извештај на РКЕ за 2025 година, вкупниот инсталиран капацитет на електроцентралите изнесува 3.162,5 MW, што е за 178,6 MW повеќе од 2024 година. Од тој капацитет, електроцентралите што користат обновливи извори на енергија учествуваат со околу 58%, односно со 1.842 MW. Фотонапонските електроцентрали достигнуваат 963 MW, хидроелектроцентралите 587 MW, ветерните електроцентрали 146 MW, малите хидроелектроцентрали 133 MW, биогасот 12 MW, а биомасата 1 MW. Во 2025 година о 2025 се издадени и седум лиценци за фотонапонски електроцентрали со складиште, со инсталирана моќност на батериските системи од 7,1 MW. Сето ова покажува дека обновливите извори веќе се доминантен дел од инсталираниот капацитет, но следната фаза мора да биде мрежа, складирање, балансирање и управување со системот.
















