
Цените на горивата низ Балканот повторно се во фокусот на јавноста, додека нестабилноста на глобалниот енергетски пазар, поттикната од геополитичките тензии на Блискиот Исток, продолжува да создава притисок врз домашните економии. Возачите во регионот веќе се соочуваат со значително различни износи на бензинските пумпи, а разликите меѓу соседните држави се сè поизразени.
Највисок товар моментално чувствуваат граѓаните на Црна Гора, каде литар гориво достигнува ниво кое го издвојува овој пазар како најскап во регионот. Бензините се движат над 1,60 евра, додека дизелот оди и над 1,70 евра по литар, што ја прави секоја посета на пумпа значително оптоварување за домашниот буџет. Иако овие цени се официјално стабилизирани до крајот на мај, тие остануваат меѓу највисоките на Балканот.
Во Хрватска, државата повторно интервенира во формирањето на цените. Со нова двонеделна регулатива, дел од маржите на нафтените компании се намалени со цел да се ублажи ударот врз потрошувачите. Како резултат, бензинот се движи околу 1,64 евра за литар, додека дизелот е нешто поскап, околу 1,72 евра. Посебно се издвојува и течниот нафтен гас, кој останува релативно поевтин за резервоари, но значително поскап во боци.
Сосема поинаква слика има во Босна и Херцеговина, каде цените варираат од пумпа до пумпа и од ентитет до ентитет. Во просек, литар гориво чини меѓу 1,46 и 1,51 евро, додека на државно ниво дизелот се движи околу 1,68 евра. Оваа флуктуација создава разлики кои возачите ги чувствуваат дури и во рамките на кратки релации меѓу градовите.
Во соседна Србија во меѓувреме одржува релативно стабилен ценовник. Тамошните власти не најавуваат промени во наредниот период, па дизелот останува околу 221 динар, а бензинот околу 191 динар по литар. Оваа ценовна „паузa“ им носи краткорочна предвидливост на возачите, иако нивото на цените останува високо за дел од населението.
Бензинот во Албанија од тип 95 се продава за околу 1,81 евро, додека дизелот е уште поскап, приближувајќи се до 1,87 евра. И овде, горивото останува значителен трошок во секојдневниот живот, особено за оние кои патуваат редовно.
Грција се издвојува како една од најскапите дестинации за возачите во регионот. Таму, цената на 95-октанскиот бензин надминува 2 евра, додека премиум горивата и дизелот одат и повисоко, што ја става земјата на самиот врв по трошоци за гориво.
















