Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари конструктивна средба со директорот на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) во земјава, Давид Оберхубер. Разговорот бил фокусиран на продлабочување на постојната соработка и на подготовките за 14. Меѓународен форум за енергија и одржлив развој, кој ќе се одржи во Скопје од 28 до 30 октомври 2025 година под мотото „Од цели до акција: Напојување на иднината со одржлива енергија“.

GIZ ја потврди својата поддршка за форумот, вклучително и ангажман на експерти и логистичка помош. Божиновска истакна дека разговорите се одвивале и во насока на тековните проекти за енергетска ефикасност, при што биле нотирани видливи резултати на терен. Дополнително, акцент бил ставен и на планираните активности за 2026 година, со посебно внимание на клучните процеси во енергетската транзиција.

„Со партнер како ГИЗ, кој има долгорочно искуство и силна експертиза, заедно работиме за посилна, поодржлива и европска енергетска иднина на нашата земја“, изјави министерката Божиновска по завршувањето на средбата.