
Три лица од Скопје се уапсени откако полицијата и Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција пресекле транспорт на 150 килограми марихуана.
Акцијата се реализирала на 26 јануари на регионалниот пат близу Свети Николе, кога полицијата запрела шлеп-возило кое превезувало патнички автомобил полн со дрога.
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, по претходно добиени информации, го следел транспортот и навреме интервенирал. При контрола на „опел комбо“ шлепуван автомобил, полицијата пронашла осум торби со 50 пакувања марихуана, сместени во багажникот и на задната клупа.
Според истрагата, возилото било купено во Струга специјално за транспорт на дрогата, но поради техничка неисправност било ангажирано шлеп-возило за транспортот кон Скопје и Свети Николе. Двајца од осомничените се движеле како „претходница“ во друго возило.



























