
Русија ја потврди можноста за средба меѓу претседателите Владимир Путин и Володимир Зеленски во Москва, доколку украинскиот лидер е подготвен за разговори. Советникот на Путин, Јуриј Ушаков, изјави дека таквата средба ќе треба да биде добро подготвена и насочена кон конкретни резултати, додека Кремљ ќе гарантира безбедност за Зеленски.
Украина, сепак, смета дека патувањето на Зеленски во Москва е невозможно од безбедносни причини. Министерот за надворешни работи, Андриј Сибиха, изјави дека претседателот е подготвен за директни преговори со Путин за чувствителни прашања, како дел од напорите за завршување на војната.
Најчувствителните теми се сè уште нерешени, вклучувајќи територијални прашања и статусот на нуклеарната централа Запорожје, која е под руска окупација од март 2022 година. Русија инсистира на територијални отстапки, особено повлекување на украинските сили од Донецк и Луганск, како предуслов за прекин на огнот.



























