
Министерството за внатрешни работи преку Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднесе кривична пријава против полициски службеник Д.С., вработен на граничниот премин Ќафасан, поради сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“.
Според информациите, случајот бил доставен до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, откако постоеле основи на сомнение дека полицискиот службеник преку социјална мрежа воспоставил комуникација со лице и побарал парични средства за да изврши службено дејствие спротивно на прописите.
Тој, како што се наведува, договорил на 5 април 2026 година, додека бил на работна задача на граничниот премин, да овозможи излез од државата на патничко возило за кое постоела евиденција дека е на „стоп листа“ како украдено возило, иако лицето кое го управувало не било сопственик и не поседувало овластување.
Од МВР информираат дека против полицискиот службеник ќе биде поведена и дисциплинска постапка, како и дека ќе биде изречена задолжителна мерка – отстранување од работното место до завршување на постапката.















