Две лица загинаа вчера во две одделни сообраќајни несреќи што се случија во Струмичко, соопштија од СВР Струмица.
Првата несреќа се случила околу 16:35 часот на магистралниот пат Радовиш–Струмица, на место викано Слобода, кај клучката за селата Добрашинци и Нова Маала. Автомобил „Пежо“ со струмички регистарски ознаки, управуван од К.В. (46) од село Сушево, се превртел на коловозот. Возачот починал на местото на несреќата, а смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош.
Втората трагедија се случила на регионалниот пат од село Габрово кон село Банско, каде К.Д. (63) од село Градско Балдовци, управувајќи мопед со струмички регистарски ознаки, изгубил контрола и паднал на коловозот. Тој починал на самото место од здобиените повреди.
По наредба на јавен обвинител, телата на загинатите се предадени на обдукција.































