Доцна вечерва заврши увидот што јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес го изврши по двојното убиство и самоубиство што се случи во центарот на градот. Од семејната куќа, каде што е извршено едното убиство и самоубиството на напаѓачот, се земени траги и докази кои ќе бидат предмет на понатамошно вештачење.
Телата на тројцата починати ќе бидат предадени на обдукција.
Од Министерството за внатрешни работи претходно соопштија дека во трагедијата животите ги загубија 31-годишна жена и нејзиниот татко на возраст од 68 години. Според првичните информации, убиствата ги извршил поранешниот партнер на жената, кој потоа си го одзел животот.
Триесет и деветгодишниот скопјанец најпрво со остар предмет ја усмртил жената на улицата „Кочо Рацин“ во Велес, а потоа во семејната куќа го убил и нејзиниот татко. На истото место сторителот се самоубил.