Последните упади на руски дронови во воздушниот простор на Полска и Романија ја зголемија напнатоста во Европа и отворија прашање до каде НАТО може да толерира руски провокации. Експертите предупредуваат дека Алијансата мора јасно да ги дефинира „црвените линии“ и последиците доколку Русија ги премине.
Минатата недела 19 руски дронови навлегоа во полскиот воздушен простор, а дел од нив поминале стотици километри во земјата пред да бидат соборени. Полскиот премиер тогаш изјави дека воен конфликт во Европа е „блиску како никогаш по Втората светска војна“. Неколку дена подоцна, нов дрон прелета над Романија, а локалните Ф-16 го следеа речиси еден час пред да се врати во Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски оцени дека не можело да се работи за случајност, туку за „очигледна руска ескалација на војната“. НАТО за сега вербално ги осуди упадите и ја активираше мисијата „Источна стража“, со распоредување дополнителна опрема на границите со Русија, Белорусија и Украина.
Според аналитичарите, Алијансата може да размислува за проактивно соборување на руски летала кои се приближуваат до нејзините граници. Таквиот потег би ја зајакнал безбедноста на источните членки, но би можел да ја остави Украина во „ничија земја“, создавајќи чувство на изневереност кај Киев.
Едно од предложените решенија е дефинирање „црвена линија“ на западна Украина, со цел создавање сигурна зона за милиони луѓе и индустријата во регионот, додека се обезбедува и коридор до јужните пристаништа. Ова би ја зајакнало моралната поддршка за Украина и би ја одвратило руската агресија кон западот, без да се ризикува директна воена конфронтација меѓу Русија и НАТО.
Експертите предупредуваат дека секоја „црвена линија“ мора да биде поддржана со конкретни дејства, бидејќи нејзиното игнорирање од страна на Русија би довело до уште поголема несигурност и потенцијално сериозни последици за источниот дел на Алијансата.