
Велешка фирма стана жртва на добро осмислена финансиска измама, при која преку фалсификувана електронска фактура биле извлечени повеќе од 21 илјада евра од нејзината сметка.
Случајот бил пријавен на 3 февруари 2026 година во утринските часови, кога 60-годишна вработена во компанијата се обратила до СВР Велес. Таа информирала дека при редовна деловна трансакција, фирмата извршила уплата кон долгогодишен деловен партнер, но набргу потоа на службениот мејл пристигнало известување дека трансакцијата наводно не била реализирана.
По ова, следела проверка со банката и со деловниот партнер, при што било откриено дека оригиналната фактура била пресретната и изменета. Наместо на вистинската сметка, паричните средства биле пренасочени кон друга, засега непозната сметка, со што компанијата била оштетена за вкупно 21.111 евра.























