
Поддржувачи на албанската Демократска партија денеска фрлале камења кон зградата на Министерството за образование во Тирана, додека протестот пред институцијата станувал сѐ понапнат. Демонстрантите запалиле и контејнери за отпад, по што полицијата употребила водени топови за да ја растера толпата.
Според „Коха“, полицијата употребила и гумени куршуми.
Собирот пред Министерството бил одржан во време кога бил најавен и студентски протест. Демонстрациите на студентите траат 12 дена и започнале поради незадоволство од состојбата во образованието, високите трошоци за студирање и ограничените можности за вработување на младите. Во меѓувреме, протестите прераснале во пошироки антивладини демонстрации, а меѓу барањата е и оставка на премиерот Еди Рама.
Претходно денеска, поддржувачи на Демократската партија запалиле столици пред зградата на Владата. Столиците биле поставени од Рама како покана до студентите за дијалог, но тие не ги прифатиле повиците.
Во пресрет на најавените протести во Тирана и други албански градови, Рама повторно повикал на разговори. На Фејсбук објавил видео од камена маса пред неговата канцеларија, на која биле поставени листови со зборот „дијалог“.
Според „Еуроњуз Албанија“, протестот на Демократската партија бил организиран во знак на поддршка и солидарност со студентите.























