
Нашинец кој работи во Швајцарија завршил со долг од над 82.000 евра и заложени багер и товарно возило, а никогаш не подигнал кредит.
Како што информираат за случајот од Секторот за внатрешни работи Тетово, вчера во 12:30 часот во ОВР Гостивар, 46-годишник од гостиварско село пријавил дека биле злоупотребени неговите лични податоци.
-Имено, пријавителот, кој работи во Швајцарија, при разговор со извршител во Гостивар бил информиран дека се води постапка против него како сопственик на фирма за долг од 5.085.079 денари кон банка во стечај. Воедно, биле барани заложени товарно возило „ман“ и работна машина багер.
Исто така, тој појаснил дека никогаш не поседувал фирма и механизација и се сомнева дека неговите податоци се злоупотребени со фалсификувана документација при подигнување кредит, велат од полицијата.
Додаваат дека се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот.























