
Утрово на една од скопските клиники почина двегодишното дете кое беше тешко повредено за време на новогодишната ноќ, кога, според првичните информации, било погодено од залутан куршум додека гледало огномет.
Инцидентот се случил додека детето било надвор со својата мајка, која го држела во раце во моментот кога метален проектил, најверојатно куршум, го погодил детето. По настанот, тоа итно било пренесено во болница.
Првично било згрижено во Градската болница, но поради тежината на повредите било префрлено на Клиниката за детска хирургија. Лекарите утврдиле обемно крварење во мозокот, при што биле зафатени сите мозочни комори. Детето се наоѓало во критична, животозагрозувачка состојба и било под постојан медицински надзор.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, претходно изјави дека станува збор за еден од најсериозните инциденти регистрирани за време на новогодишната ноќ, посочувајќи дека повредата е предизвикана од метален фрагмент, а околностите под кои дошло до трагедијата сè уште се предмет на истрага.



























