Основниот суд во Велес ги прогласи за виновни сопственикот и работникот на фирмата „Реал градба“, како и самата фирма, за предизвикување на големиот шумски пожар што беснееше над езерото „Младост“ во август 2019 година.
Судијата Бојанчо Донев изрече затворска казна од по пет години за 61-годишниот сопственик Тасе Илиевски и 58-годишниот работник Марјан Ангелов, додека фирмата „Реал градба“ доби парична казна од 300.000 денари.
Согласно пресудата, обвинетите со необезбедена брусилица работеле на викенд куќа во близина на езерото, при што искрите запалиле сува трева и предизвикале пожар кој зафати стотици хектари борова шума, уништувајќи значаен дел од природната средина и предизвикувајќи вкупна штета од над 27 милиони денари.
Пожарот се проширил на неколку фронта, зафаќајќи имоти и објекти сè до селото Новачани. Од вкупната штета, речиси 25 милиони денари е штетата направена на шумското стопанство „Бабуна“, а остатокот на приватни имоти.
Одбраната најави жалба, а граѓаните на Велес се револтирани што, и покрај шесте години што поминаа од пожарот, опожарената шума не е обновена, а на нејзино место никнуваат станбени комплекси со одобрение од локалната власт.