Кривичниот суд во Скопје го прифати обвинителниот акт против поранешните директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев и Нахад Нухи, кои се товарат за сериозни злоупотреби, измама и проневера во службата во периодот од 2018 до 2022 година. Според обвинението, со незаконски набавки и фиктивни тендери за лекови ја оштетиле државата за речиси 36 милиони евра.
Обвинителството наведува дека двајцата директори ги пречекориле своите службени овластувања, дејствувале спротивно на законите за здравство, буџети и јавни набавки, и создале противправни обврски кои биле покривани преку условени буџети од Фондот за здравствено осигурување. Во рамки на набавките на биолошки и таргет-терапии, лекови се испорачувале на реверс, а потоа пост-фактум се спроведувале тендери за нивно „легализирање“.
Покрај тоа, Васев и Нухи се обвинети и за проневера – дел од набавените лекови биле фиктивно раздолжувани, односно не им биле аплицирани на пациентите, што резултирало со разлика во евиденцијата и директна присвојување на терапија во вредност од околу 2 милиони денари. Во девет случаи е утврдено дека се раздолжувале лекови за пациенти кои никогаш не ги добиле.
Дополнително, обвинителството тврди дека со манипулирање со залихи и евиденции, Васев присвоил лекови во вредност од најмалку 13 милиони денари, меѓу кои Херцептин, Авастин, Ербитукс и други високоценети онколошки терапии.
Во посебно обвинение, Васев е обвинет и за тешки дела против здравјето на луѓето, заедно со тројца лекари. Кај 29 пациенти била применета неподобна или погрешно дозирана терапија, спротивна на медицинските протоколи, што ја влошило нивната здравствена состојба. Некои терапии биле одобрени само со факсимил и лозинка, без вистинска стручна проверка.
Судењето за предметот „Онкологија“ беше закажано за 11 јули, но е одложено за 5 септември поради отсуство на обвинетата Мери Пешевска. На обвинителната клупа досега седнаа Никола Васев и двајца онколози, Симонида Црвенковска и Драган Јакимовски.
Обвинителството најавува дека случајот ќе биде преседан за одговорност во здравствениот систем.