
Полицијата поднесе кривична пријава против четири лица осомничени дека учествувале во организирана шема со лажни сообраќајни незгоди, преку која од граѓани извлекле милионски суми.
Според истрагата, осомничените се претставувале како службени лица или посредници и контактирале жртви со приказни дека нивни блиски учествувале во тешка сообраќајка. Под изговор дека „итно се потребни пари“ за наводни медицински трошоци, кауција или да се избегне кривична одговорност, барале и добивале големи суми.
Вкупната штета се проценува на околу 3,7 милиони денари, што укажува на добро организирана и координирана измамничка мрежа.
Во неколку случаи жртвите биле постари лица, кои под притисок и страв за своите блиски веднаш ги предавале парите на договорени локации.
Од МВР информираат дека по преземени оперативни мерки случајот е расчистен, а против осомничените е поднесена соодветна кривична пријава.























