
Мексико е во состојба на висока безбедносна тревога откако, по ликвидацијата на лидерот на картелот CJNG, Немесио Осегера Сервантес – „Ел Менчо“, следува нов бран насилства. Последниот инцидент се случил на меѓународниот аеродром во Гвадалахара, каде што избувнала паника по вооружен напад што властите го поврзуваат со одмаздничка акција на картелот.
Според првичните информации, групи вооружени лица се обиделе да предизвикаат хаос во близина на терминалот, по што патниците масовно почнале да бегаат, а дел од летовите биле одложени. Безбедносните сили веднаш го блокирале периметарот и го засилиле присуството на армијата и федералната полиција.
Ова е втор сериозен инцидент во краток период, откако претходно во центарот на Гвадалахара беа запалени возила и поставени барикади – таканаречени „нарко-блокади“, класична тактика на CJNG за парализирање на градот и притисок врз властите.
Безбедносни експерти предупредуваат дека картелот се обидува да покаже дека и по смртта на својот лидер останува оперативен и способен да изведува координирани акции. Нападот врз аеродромот, симбол на инфраструктурата и меѓународниот сообраќај, има за цел да испрати порака дека државата нема целосна контрола.
Армијата во офанзива
Мексиканската армија продолжува со операции во државата Халиско, а властите најавуваат дека нема да дозволат картелите да создадат „паралелна власт“. Сепак, локалното население е во страв, а дел од училиштата и бизнисите привремено се затворени.
Ситуацијата останува тензична, а безбедносните служби предупредуваат дека можни се нови одмазднички акции на CJNG во наредните денови.























