Градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари, се соочува со сериозни обвинувања откако против него беше поднесена кривична пријава за „несовесно работење во службата“ и „загрозување на животната средина и природата со отпад“. Според информациите од Одделението за внатрешни работи Кичево, Дехари во изминатите неколку години дозволил да се формира нелегална депонија во населена зона од градот, со што директно го загрозил здравјето на граѓаните.
Од 2020 година наваму, како што наведуваат од полицијата, градоначалникот давал усни и писмени наредби отпадот секојдневно да се одлага на спорната локација – простор од неколку илјади квадратни метри, во близина на станбени објекти. Притоа не биле почитувани ниту еден од еколошките стандарди пропишани со Законот за управување со отпад и Законот за заштита на животната средина.
„Овие постапки доведоа до сериозно нарушување на квалитетот на воздухот, загадување на почвата и водотеците, како и до уништување на животната и растителната разновидност во подрачјето“, соопштуваат од ОВР Кичево.
Полицијата истакнува дека случајот бил темелно документиран по повеќегодишна истрага и теренско следење. Според нив, Дехари не спровел никаков надзор над состојбата, и со тоа овозможил трајно загадување на средината, со потенцијално опасни последици по здравјето на жителите.
Случајот го води надлежното обвинителство, а јавноста очекува понатамошни информации и развој на постапката.