СВР Скопје поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје по итна постапка против државјанин на Германија за кривично дело „предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“ од член 319 од Кривичниот законик.
Пријавениот на 05.08.2025, непосредно пред фудбалскиот натпревар помеѓу ФК „Шкендија“ и ФК „Карабах“, со истакнување и веење на знаме на „Голема Албанија“ и со натпис „Автохтона“, предизвикал чувство на омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност.
Полициски службеници го лишиле од слобода додека Основниот кривичен суд Скопје веднаш изрече пресуда со која обвинетиот го огласи за виновен и го осуди на условна казна затвор од две години и донесе одлука да го протера и да му забрани влез во државава во следните пет години.
МВР и Јавното обвинителство продолжуваат да преземаат координирани активности за откривање и идентификување на сторители на кривични дела на ширење на омраза и нетрпеливост поврзани со спортски натпревари.
Веднаш по идентификацијата на сторителите, тие ќе бидат процесуирани во согласност со надлежностите на јавното обвинителство.