Француските власти и противпожарните екипи се соочуваат со еден од најстрашните пожари во модерната историја на земјата. Огнената стихија, која избувна во регионот Од, во близина на границата со Шпанија, веќе проголта над 16.000 хектари шума – површина поголема од целиот Париз – и однесе најмалку еден живот.
Пожарот, кој трае веќе неколку дена, и понатаму е надвор од контрола, потврди командантот на противпожарната акција Кристоф Мањи за BFM TV. Според француската цивилна заштита, ова е најголемиот шумски пожар од 1949 година.
Вжештен Медитеран: Пожари и во Шпанија
Слична катастрофа се одвива и во јужна Шпанија, каде што пожарите се закануваат на познатото туристичко одморалиште Тарифа. Властите евакуираа неколку хотели, згради и над 5.000 возила, а засега се преселени 1.500 лица. Густ чад и пепел го прекрија регионот, а локалните служби алармираат дека ветрот ја отежнува контролата.
Климатска тревога: Европа гори
Научниците предупредуваат дека топлите и суви лета, резултат на климатските промени, значително го зголемуваат ризикот од шумски пожари низ целиот Медитеран. Според податоците на Европската комисија, само годинава изгорени се 353.000 хектари во 1.478 пожари низ Европа.
Климатската служба Copernicus соопшти дека јули 2025 бил третиот најтопол јули во историјата, со рекордна температура од 50,5°C измерена во Турција. Првите две места ги држат 2023 и 2024 година.
Стручњаците предупредуваат: ако не се преземат длабоки климатски мерки, вакви пожари ќе станат нова нормала за летните месеци во Европа.