Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против две полнолетни лица – татко и син од селото Батинци, осомничени за кривично дело „Насилство“, откако заедно со малолетниот син (15 години) жестоко нападнале и претепале маж по претходна расправија.
Според Обвинителството, жртвата претрпела тешки телесни повреди, вклучително и фрактури, а насилството предизвикало сериозен страв и вознемиреност кај неговото семејство и соседите. Инцидентот се случил пред очите на бројни очевидци, при што сопругата на жртвата се обидела да го заштити така што легнала врз него, додека децата и соседите се обидувале да го прекинат нападот.
„Обвинителството постапува решително и без компромис кога се во прашање насилни инциденти со тешки последици врз животот и телото на оштетените лица. Насилството не смее да остане неказнето, особено кога е извршено пред очи на други членови на семејството и јавноста,“ соопштија од ОЈО Скопје.
Јавниот обвинител веќе доставил предлог за определување мерка притвор за двете полнолетни лица, додека за малолетникот постапката се води согласно Законот за правда за децата.