Двајца полициски службеници биле физички нападнати за време на координирана контрола во угостителски објект кај Градскиот базен во Виница, каде биле затекнати и малолетни лица кои консумирале алкохол, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.
Контролата се одвивала ноќта меѓу 2 и 3 август, од 23:50 до 02:00 часот, и била спроведена од СВР Штип во соработка со повеќе инспекторати. На терен биле легитимирани 19 лица, а кај осум од нив бил извршен преглед. Меѓу присутните биле и три малолетници – две лица на возраст од 16 години од Виница и едно лице на 14 години од Кочани – кои пиеле алкохол.
Инцидентот кулминирал кога 34-годишниот У.М. од Виница, најпрво вербално, а потоа и физички ги нападнал двајцата полицајци. По нападот, осомничениот се дал во бегство, а полицијата презема мерки за негово пронаоѓање. За случајот е известено Јавното обвинителство во Кочани, а по насоки на обвинител, се собираат докази и изјави од инволвираните.