По голема полициска акција во главниот град, четворица скопјани завршија зад решетки поради трговија со дрога и незаконско поседување оружје. При претресите на неколку локации, полицијата пронашла кокаин, марихуана и куршуми за пиштол, потврди Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Според обвинителството, групата делувала од февруари до октомври годинава. Првоосомничениот ја организирал набавката и складирањето на наркотиците, додека останатите ја вршеле продажбата на клиентите. Цената на грам кокаин изнесувала 4.000 денари, а марихуаната се продавала за 500 денари по грам.
Во домот на еден од осомничените, покрај дрога, полицијата пронашла и муниција, за која лицето немало дозвола.
„Сите четворица активно учествувале во нелегалната трговија со дрога. Поради опасност од бегство и влијание врз сведоци, обвинителството побара мерка притвор“, соопштија од ОЈО ГОКК.
Акцијата, како што најавуваат од институциите, е дел од поширока истрага против организирани групи што делуваат на подрачјето на Скопје.