Во тек е голема полициска акција на подрачјето на Берово, Пехчево и Делчево насочена кон разбивање на организирана криминална група која со години вршела нелегална сеча на шуми, злоупотреба на службена положба, примање и давање поткуп и други тешки кривични дела против животната средина.
Неофицијално, меѓу приведените се актуелен директор на ЈП „Македонски шуми“, полициски началник, повеќе полициски службеници, шумски полицајци, службено лице од подрачна единица на Министерството за земјоделие, како и сопственици на приватни компании. Тие се сомничат дека систематски организирале нелегална сеча и транспорт на дрвна маса, која потоа преку коруптивни врски ја пласирале како легално исечена.
Според информации од истрагата, групата функционирала како злосторничко здружение со единствена цел – остварување личен профит на сметка на државата и природните ресурси. Иако пустошењето на шумите било очигледно, со години не биле преземени мерки за негово запирање.
Оваа акција, велат од институциите, е јасна порака дека корупцијата, уништувањето на природата и злоупотребата на функциите нема да бидат толерирани, без оглед на тоа кој стои зад нив.
Шумите се национално богатство што мора да се сочува за идните генерации, а полицијата и Владата најавуваат продолжување на решителни акции против сите кои ја загрозуваат животната средина.